Македонија
8. November 2016 - 16:27

Каролина Астеруд: Животот ќе го дадам, ама за листа на СДСМ на која е Ферид Мухиќ не давам

Револт и незадоволство меѓу членството и поддржувачите на СДСМ откако Заев и Шеќеринска ги објавија кандидатските листи со кои ќе ја бараат довербата од граѓаните на изборите во декември.
Животот ќе го дадам, ама за листа на СДСМ на која е Ферид Мухиќ не давам, вели поранешната пратеничка на опозициската партија Каролина Астеруд на социјалните мрежи.

Таа смета дека ваквата кадровска понуда на Заев е гаранција за нов пораз на СДСМ на декемвриските избори.

Остри реакции и од професорката Најчевска која важи за силен поддржувач на СДСМ. Нема да гласам за листа на која е Ферид Мухиќ, вели Најчевска додавајќи дека станува збор за принципи.

За актерот Сашо Тасевски кој важеше за силен поддржувач на опозицијата, листите на СДСМ се доказ за елитизмот на Бихаќка и желбата поранешните функционери да си ги вдомат своите деца.  Можете само да се сликате на денот на изборите. За спомен на еден дебакл напиша Тасевски на Facebook.

Со реакција на социјалните мрежи се јави и членот на извршниот одбор на СДСМ, Аднан Џаферовски кој му порача на Заев дека листите не треба да служат за згрижување на партиски послушници.

Реакциите следат откако Заев во неделата од листите изостави голем број истакнати активисти на СДСМ и докажани теренски играчи. Меѓу нив и претседателката на скопскиот огранок на СДСМ, Софија Куновска, координаторот на пратнеичката група Сугарески и велешкиот пратеник Марјанчо Николов. Прва реагираше Куновска која си поднесе оставка на партиската функција. Весникот Дневник објави дека нејзиното и изоставувањето на Николов и Сугарески е на барање на Радмила Шеќеринска. Заев денеска прозна дека постои нездоволство но рече дека нема намера да ги менува листите

Во меѓувреме, на социјалните мрежи почнаа да се формираат и групи на поддржувачи на СДСМ кои се противат на листите на Заев, но тоа за партиското раководство не претставува проблем. Лидерот на СДСМ вели дека тоа е демократија и дека е подготвен и без поддршката на незадоволните членови да излезе на декемвриските избори.